Жарко Јакимовски (Скопје, 1948) е еден од најзначајните современи македонски уметници. Неговото творештво создавано низ 50 годишната кариера припаѓа на врвното светско сликарско наследство, со вкрстени гени од вечните достигнувања на европското и светското сликарство – Rembrandt, Vermeer, Théodore Géricault, Henri Matisse, Georges Braque, Picasso, Willem de Kooning – до средновековните мајстори на фреската од Нерези, Курбиново и Охрид.
По враќањето од Љубљана каде во 1974 дипломирал на Академијата за ликовни уметности, Јакимовски низ европските уметнички метрополи и македонските манастири го продолжил своето постојано истражување базирано на искуствата собирани од делата на големите мајстори, во потрага по сопствен израз. Од студиските престои во Холандија, Франција, Германија, Италија, една од клучните улоги во формирањето на неговиот светоглед одиграл Париз; каде, како што раскажува Јакимовски, деновите ги минувал кај Жерико, а вечерите кај Пикасо. Оттука му потекнува метафизичката врска со монументалното дело на Géricault, „Сплавот Медуза“, кое подоцна се јавува како еден од столбовите во неговото творештво.
Изразот на Јакимовски е поврзување меѓу нашата традиционална иконографија и европската класика преку барокот, импресионизмот и кубизмот. Цртежот го претставува мисловниот процес на авторот, од каде тргнува возвишеноста во сите негови уметнички ремек-дела.
Ракописот на Јакимовски прави да е непотребно секакво дообјаснување на неговите дела – мислата му е пренесена во секој милиметар со творечка прецизност која го открива бескрајниот свет на личната езотерија на секој оној кој е исправен пред некоја од неговите слики.
Жарко Јакимовски досега реализирал дваесетина самостојни изложби, учествувал на голем број групни изложби, освоил значајни награди.
Самостојни изложби:
– 1976 – Скопје, Галерија Дом на младите „25 Мај“
– 1979 – Скопје, Ликовен салон на ДЛУМ
– 1980 – Скопје, Музеј на современа уметност
– Скопје, Ликовен салон на ДЛУМ
– Виена, Галерија Schottenfeld
– 1981 – Суботица, Југославија, Ликовен салон
– Зрењанин, Југославија
– Охрид, Хотел „Десарет’
– 1982 – Суботица, Салон на ликовна средба
– Зрењанин (со Т. Димчевски)
– Охрид, Хотел „Десарет“
– Штутгарт. Експеримент галерија
– 1986 – Скопје, Клуб на писателите
– Штутгарт, Галерија на Народната банка
– 1988 – Скопје, Уметничка галерија
– 1993 – Скопје, Салон на ДЛУМ
– 2000 – Скопје, Музеј на Град Скопје
– 2013 – Скопје, Културно информативен центар
– 2021 – Скопје, Музеј на Град Скопје (ретроспективна изложба)
– 2022 – Скопје, Ликовен салон на МАНУ (ретроспективна изложба)
Награди:
1978, Награда за цртеж „Климент Охридски“, ДЛУМ, Скопје
1979, Награда за сликарство „Лазар Личеноски“, ДЛУМ, Скопје
1981, Откупна награда на VII триенале на југословенски цртеж, Сомбор
1982, Награда за сликарство „Млада генерација 4“, Скопје
1988, Награда за сликарство „Нерешки мајстори“, ДЛУМ, Скопје
1995, Гран при на ДЛУМ на IV зимски салон, Скопје
Ева Петковска е родена (1999) и израсната во Скопје, а моментално живее и работи во Равена, Италија, каде е апсолвент на Академијата за ликовни уметности (Accademia di Belle Arti di Ravenna).
Нејзиниот креативен сензибилитет особено реагира на недостижно совршените декоративни текстури на природата; и постојано бара нови начини за стилизирано, но веродостојно претставување на растителниот свет; подеднакво умешно изразувајќи се како со традиционалните, така и со дигиталните техники.
Посебен дар на уметницата е атмосферичноста, која и кога мотивот е најобичен, ги брише сите траги на тривијалност од сликата.
Во својата работа Петковска често се осврнува и на феномените на популарната култура, каде ги наоѓа и реферира на естетските бисери кои блескаат во сивилото на потрошувачката логика.
Нејзините цртежи, слики, графики, илустрации, мозаици, таписерии … кај гледачот влијаат смирувачки, како деликатесно визуелно честење.
На комбинацијата карактеристична за Петковска: природа, декоративност и атмосферичност/бајковитост, се надоврзува и долгата листа омилени уметници: ќе ги издвоиме David Hockney, Takashi Murakami, James Jean, David McKean, Junji Ito, Alphonse Mucha, Studio Ghibli, мајсторите од византискиот комонвелт.
Ева Петковска својата имагинација често ја претвора и во префинети, уникатни рачни изработки – накит и останати практични и декоративни предмети – користејќи различни техники и материјали.
Учества на изложби:
2021 – Награда за гравура Илариа Чарди, Галерија Микеле Този, Равена, Италија
2019 – Денот на кралот, Амбасада на Кралството Холандија, Скопје
2018 – Годишна изложба во галеријата на ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, Скопје
2017 – Мурал во чест на Салвадор Дали, ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, Скопје
Мишо Стојановски (р. 2000, Куманово) е уметничка ѕвезда во подем.
Во 2021 победи на престижниот конкурс за мозаик „Илустрирање на комедијата: Пеколот“, што во Равена (Италија), светската престолнина на мозаикот, беше распишан по повод 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери.
Апсолвент е на Академијата за ликовни уметности во Равена (Accademia di Belle Arti di Ravenna), а на студии во Италија отпатува како првенец на генерацијата во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје.
Беше ѕвездата на одбележувањето на Националниот празник на Кралството Холандија – Денот на кралот, во Скопје, 2019, каде на лице место ги правеше завршните потези на неговата репродукција на рембрантовото „Жртвување на Исак“.
Во својата работа ја истражува метафизичката заднина на проблемите на западната цивилизација; и со исклучителен дар за концептуализација и симболика, соодветна на уметничката вештина што го одвојува и меѓу најдобрите, ги актуализира вечните, егзистенцијални реторички прашања.
Стојановски брилира со што и да се зафати во својата мултидисциплинарна практика; без разлика дали се работи за цртеж, графика, сликарство, мозаик, скулптура, инсталација.
Како влијанија ги набројува Pablo Picasso, Андреј Рубљов, Alberto Giacometti, Umberto Boccioni, William Turner, Dario Mellone.
Изложби и награди
2023 – Самостојна изложба, Саем за уметност, Форли, Италија
2022 – Меѓународна награда за графика, Фиренца, Италија
2022 – Графичко биенале Џузепе Маестри, Бањакавало, Италија
2022 – „Град на иднината“, Фондација Дарио Мелоне – Галерија на независни уметници, Милано, Италија
2021 – Награда за мозаик Ренато Даркини, Ротари клуб на Равена, Италија
2021 – Награда за гравура Илариа Чарди, Галерија Микеле Този, Равена, Италија
2019 – Денот на кралот, Амбасада на Кралството Холандија, Скопје
2018 – Годишна изложба во галеријата на ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, Скопје
2017 – Мурал во чест на Салвадор Дали, ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, Скопје