Како паметно да инвестирате во уметност?
Овој текст ќе го почнеме со илустративен пример. Кога во 1989 година, 29-годишниот берзански агент Роберт Тиблс за 600 фунти го купил уметничкото дело на тукушто дипломираниот уметник Дејмиен Хрст, „Тела“, кое се состоело од шкаф со лекови, неговите колеги и другари кои си купувале коли и скапи часовници го исмеале, уверувајќи го дека е ограбен и треба да го врати делото, односно да си ги бара парите назад. Но, Тиблс му останал верен на својот инстинкт. Во 2020 тој го продаде делото „Тела“ на аукција за 1,2 милиони фунти.
Ова е прилично драстичен пример за препознавање на идната „блу чип“ уметност во идеалната фаза за инвестирање, кога уметникот, во случајот големиот Дејмиен Хрст, ја почнувал кариерата. И соодветно, драстичен е и повратот на инвестицијата.
А во изминатите пандемиски години, беше потенцирана и друга страна од вредноста на уметничките дела како инвестиција. Многу колекционери добиваа кредити со гаранција во слики од познати уметници. Објаснувањето е едноставно – во услови на евидентен финансиски ризик, уметничките дела им беа привлечни на банките како осигурување, зашто нивното вреднување, за разлика од акциите или другите видови инвестиции, нема тенденција да ги следи бранувањата на пазарот.
Извештајот на Citi (Citibank), „Глобалниот пазар на уметност и Ковид-19“, ја потврди отпорноста на пазарот за уметност во време на економски превирања; односно покажа дека во првите 7 месеци од 2020, уметноста според повратот надминала 10 од главните класи имот, вклучувајќи ги хеџ фондовите и недвижнините.
Патем кажано, пандемијата го промени и начинот на кој колекционерите ги зголемуваа своите збирки. Ако во 2020 онлајн продажбите на уметнички дела скокнаа до 15,8%, до крајот на 2021 речиси две третини од купувачите на уметност си избирале и набавувале дела на интернет.
За жал, продолжуваме да живееме во економски неизвесни години, и многумина бараат начини како да си обезбедат финансиска стабилност преку своите инвестициски портфолија. Уметноста, како што кажавме, се покажува особено одржлива во овој поглед. Пазарот на уметност е независен од пазарот на акции и често се нарекува „неутрална валута“; што значи дека неговата вредност при препродавање, дури и кога економијата поминува низ лоши периоди, има тенденција да останува висока.
-
Совети за инвестирање во уметност
Со претходно истражување – за да бидете соодветно информирани, и со добар тајминг на инвестициите, купената уметност има потенцијал да донесе голема добивка.
Овде веднаш ќе потенцираме две работи. Прво, кога велиме инвестирање во уметност, секако првенствено мислиме на современа уметност (старите мајстори им ги оставаме на ретките кои можат да си ги дозволат). И второ, уметничките дела според својата природа не се толку ликвидна инвестиција како другите класи имот, на пример акциите; туку се долгорочно вложување кое не секогаш брзо се претвора во кеш. Оттука одредени колекционери – инвеститори, ги чуваат своите уметнички збирки како дел од диверзифицираното портфолио или од имотот што ќе им го пренесат на идните генерации.
Пред да почнете да инвестирате во уметност поставете си јасна цел. Што очекувате од вашата инвестиција? Профит или лично уживање? Идеално е ако вашиот одговор е: И двете. Зашто ако делото вам ви се допаѓа, ако сте направиле информиран избор и задоволни сте од цената за која сте го купиле, можноста понатаму да се покаже како вредна инвестиција и во смисла на препродажба е поголема. Во тој случај тоа ќе си ја исполнува и својата главна функција – да ви приредува уживање во вашиот дом или канцеларија; и истовремено ќе претставува изгледна можност за профит.
Откако сте си ја одредиле целта, почнете да истражувате, да се информирате, за најпрво да дознаете во каков вид уметност сакате да вложувате. Сликарството е најочигледната опција, но тука се и графиката, скулптурата, мозаикот…
Ако се советувате со сопственици на галерии, тие често знаат да кажат дека купувањето уметност е емотивна одлука, што е само делумно точно. Секако дека кога купувате уметничко дело ќе го изберете она со кое ќе воспоставите емотивен однос; но, кога зборуваме за уметноста како инвестиција, претходно добро истражете го уметникот чие дело планирате да го купите, и врз база на добиените сознанија направете проценка на инвестицискиот потенцијал.
При истражувањето подгответе се да се соочите со фактот дека уметничкиот свет е прилично простран и не е баш лесен за навигација. Секогаш е препорачливо да се консултирате со други, поискусни колекционери, како и со уметници и други познавачи, но такви во кои ќе имате доверба. Зашто тука е и ризикот некој да ве наведе да купите дело кое ќе ви изгледа многу поволно, а на крајот ќе се покаже дека е неквалитетно или лажно.
Редовно посетувајте музеи, галерии и останати културни институции за да добиете попластична претстава за пазарот на уметност, односно за полесно да се ориентирате во неговите случувања.
Делата на уметниците што се на почеток на кариерата се попристапни, но подразбираат и поголем ризик (во смисла дека е потешко да се претпостави нивната идна вредност), за разлика од дела на веќе реномиран уметник (кои имаат појасно дефинирани цени, а одредени фактори, како зголемен интерес за уметничкиот правец на кој му припаѓаат или евентуалното запирање на продукцијата на авторот, ја зголемуваат побарувачкатата со очекуван ефект врз цените).
Во духот на сѐ од претходно кажаното, јасно е дека вложувањето во уметност најдобро оди со автентичен интерес за истата кај инвеститорот. Нема потреба да споменуваме дека кога се инвестира во нешто за кое се има страст, добивката не доаѓа само со профитот. А останува и фактот дека поседувањето уметничка колекција носи ниво на престиж кое останатите видови имот го немаат; притоа, ваквата збирка, со сето она што од областа го знае нејзиниот сопственик, е извонредна тема на разговор со партнери и пријатели на вечери, приеми и останати поводи.










