Кубизмот, новиот и стариот, македонскиот, вкрстени во творештвото на Жарко Јакимовски
Кубизмот е еден од највлијателните правци во ликовната уметност на дваесеттиот век. Овој револуционерно нов пристап или третман на визуелната стварност го развиле Пабло Пикасо и Жорж Брак во првата деценија од векот, а е заснован на ставот на постимпресионистот Пол Сезан (1839–1906) дека секој предмет може да се претстави ликовно преку основните геометриски облици. Поимот кубизам потекнува од зборот коцка, односно од коментарот на ликовниот критичар Луј Воксел, кој гледајќи слики на Жорж Брак во 1908 година, заклучил дека таму сѐ е сведено на геометриски контури, на коцки.
Во што е револуционерноста на кубистичкиот пристап? Кубистичките сликари први го отфрлиле традиционалното сфаќање дека уметноста треба да ја копира природата, односно да настојува да биде нејзино просто огледало. Ја прекинале сликарската практика на создавање илузија за реален простор, за длабочина на своите платна. Напротив, кубистите ја нагласувале дводимензионалноста, плошноста на сликарското платно, истовремено претворајќи го во соодветен автономен простор за нов третман на визуелната стварност.

„Госпоѓиците од Авињон“, Пабло Пикасо (1907)
Оттука е редуцирањето и кршењето на предметите на кубистичките слики, и нивното повторно спојување, но така што на гледачот ќе му бидат дадени различни точки на гледање на насликаниот предмет. Значи кубизмот е првиот современ ликовен правец кој свесно раскинува со сликарството кое стремело кон создавање оптичка илузија, и со рационална анализа на елементите на стварноста воспоставува автономна ликовна стварност на платното, или ако сакате, автономна интерпретација на визуелната стварност. Со ова ослободување на уметноста од имитирањето на природата, кубизмот отворил неограничени можности за ликовно третирање на виденото (со очите или со умот), и соодветно станал претходница на многу подоцнежни ликовни правци.
Погоре наведените карактеристики на кубизмот секако не се само прашање од областа на ликовниот израз. Кубистите всушност сакале да прикажат какви се предметите навистина, а не само како му изгледаат на окото. Размислувале како на гледачот да му понудат попрегледно, посеопфатно, поаналитичко разбирање за предметот, пејзажот или портретираната личност, прикажувајќи ги од различни агли, од различни гледни точки (за разлика од фиксната гледна точка во традиционалното сликарство). Тридимензионалниот карактер на објектите го сугерирале без да ги користат традиционалните „трикови“, како перспектива или сенчење.

„Дрва во Лестак“, Жорж Брак (1908) и „Девојка со мандолина“, Пабло Пикасо (1910)
А сето ова требаше да го кажеме за да преминеме на главното во овој текст, што е нашиот автентичен кубизам, присутен во Македонија векови пред да се појави кубизмот за кој досега зборувавме. Вкрстувањето на овој наш кубизам, со новиот на Пикасо и Брак, наоѓа највеличествен израз на платната од големиот македонски современ сликар, Жарко Јакимовски.
За отворање на темата, ќе цитираме показен дел од интервју со Јакимовски:
„Од врвните светски мајстори најголемо влијание врз мене извршиле Жорж Брак, Пикасо, па холандските мајстори, Рембрант, Вермер, Халс, па Анри Матис, и од помодерните Вилијам де Кунинг. Тоа е еден коктел на она што е барокот, традиционалното, до импресионистите, односно кубизмот. Тука се наоѓам, се барам, и преку нашиот фрескоживопис, иконографијата. Во целото мое творештво можат да се видат назнаки за влијанија од тоа европско сликарство, што е светско. Се работи за десетина автори кои ми се посебно блиски. Јас правев една синтеза меѓу тоа што сум го доживеал како искуство од моите студиски престои во Франција, Холандија, Германија, Италија, секојдневни анализи на тие големи ремек-дела, и ова нашево, што е традиционално, иконографско, и наоѓав една извонредна врска, иако се работи за разлика од триста, петстотини години – тоа сликарство од Курбиново, фреските на Михаил и Евтихиј, тоа е чист наш кубизам. Така што, тој мој ракопис, таа моја концепција, е мешавина. Сепак, корењава тука повеќе ме влечеа, а така е и ден-денеска. Една синтеза на европското, од ренесанса, барок, до тој кубизам, тоа модерно сликарство, сето тоа заедно, и на крајот најважното – каде сум јас во сето тоа? Каде е мојот ракопис, белег, знак?“
„Untitled“, Жарко Јакимовски
Оваа врска што Јакимовски ја пронаоѓа меѓу стариот, македонскиот кубизам, и новиот, секако не е само ликовна, во геометризацијата на приказот, односно не е површна, во смисла на случајна. Кога зборуваме за македонски кубизам, тогаш главно мислиме на творештвото на солунските зографи Михаил и Евтихиј од тринаесеттиот и четиринаесеттиот век, во црквите „Пресвета Богородица Перивлептос“ (Охрид), „Свети Никита“ (Горњане) и „Свети Великомаченик Георгиј“ (Старо Нагоричане). Директната врска меѓу кубизмот на Пикасо и Брак, и кубизмот на Михаил и Евтихиј, потекнува од нивниот заеднички став дека и кога е во прашање појавното, односно видливото, реалноста не се исцрпува само во она што се гледа со очите.
„Свештената православна ликовна уметност никогаш не смее да биде приказ на голата историска стварност. Иконата и фреската секогаш ни го откриваат светот како што ќе заблеска во идната, рајска стварност. Оттука е таканаречената обратна перспектива на византиските икони и фрески, надминувањето на природните закони. Иконата и фреската не функционираат само сетилно, за очите“, вели познатиот современ зограф Стаматис Склирис.

Детали од Тајната Вечера и Свети Климент Охридски, Михаил и Евтихиј, 13 век
Значи исто како новиот кубизам, и кубизмот на споменатата свештена уметност нема намера што поверно, фотографски да ја долови историската стварност. На иконата и фреската преку видливото (портретот на одреден светител) е прикажано невидливото (светоста), исто како што Пикасо на некои портрети ни ја покажува и страната на лицето која не би се гледала кога тој би размислувал следејќи ги законите на перспективата.

„Поединостите со невообичаен изглед на иконите и фреските, на пример уши со чуден облик, не се прикажани со верно имитирање на природата не поради тоа што уметникот иконописец не можел да ги прикаже како што ги гледа, туку затоа што такви какви што се во природата не придонесуваат за целта на иконата. Поентата на иконата не е да нѐ доближи до природата, да нѐ воодушеви со верноста на она што го гледаат телесните очи, туку да нѐ соочи со човечко тело кое го примило она што му бега на нашето вообичаено сфаќање. Идејата е освен физичкиот да го видиме и духовниот свет. А подвижничкото искуство на светителот често наоѓа свој надворешен израз на иконата во строгоста на формите, често геометриски“, пишува рускиот иконописец и историчар на уметноста, Леонид Успенски, во својата позната „Теологија на иконата“.
Длабокиот увид на Жарко Јакимовски во филозофијата на кубизмот, односно свесноста за споменатите врски меѓу македонскиот и западноевропскиот кубизам, се евидентни во неговото сликарство. Пренесено на платното со врвна вештина и ликовна ерудиција, ова е важен аспект на уникатноста на овој автор.
Оттука, академик Влада Урошевиќ во своето обраќање на отворањето на големата ретроспективна изложба на Јакимовски во МАНУ, ќе рече:
„Жарко Јакимовски несомнено е творец кој низ сликањето размислува, и кој низ процесот на творење сака да дојде до одговори на некои суштински проблеми чија природа далеку ги надминува оние прашања што ја засегаат само областа на ликовниот израз. Со страст на еден речиси научен пристап, кој би можеле да го наречеме вивисекција на видливиот свет, сликата кај Јакимовски станува еден вид операциона маса или лабораторија за микроскопска анализа.“

„Untitled“, Жарко Јакимовски






