Лекции од Данте Алигиери по патот од себеспознавање до… небото како „лимит“
Не секому дошле в рака „Пеколот“, „Чистилиштето“ или „Рајот“ од „Божествената комедија“, но, нема човек кој не го почувствувал влијанието на триделната гигантска поема на Данте Алигиери. Вечниот одек на ова ремек-дело е величествено насликан од Сандро Ботичели, Ежен Делакроа, Салвадор Дали; слушнат во симфонии на Франц Лист и Чајковски; а не престанува да ја инспирира и денешната популарна култура – од филмови, преку видео игри, до стрипови: и Марвеловиот суперхеројски тим Икс-мен, заедно со Доктор Стрејнџ, слегува низ деветте круга на пеколот според описите на Данте.
Секако, на „Божествената комедија“ и нејзиниот автор – кој е едно од најголемите пера во историјата, достојно признание им оддаваат и италијанските куќи на класичниот и модерниот престиж кај инструментите за пишување, Montegrappa и Pininfarina, чии креации на оваа тема се поместени подолу во овој текст.

Детал од цртеж на Ботичели за „Божествената комедија“ / графит од Равена со Данте на точак
Но, настрана од поетското мајсторство со кое Данте посликовито и од Библијата ја доловил својата моќна визија за задгробниот живот, „Божествената комедија“ е полна со практични лекции, кои го следат патот на човекот тргнувајќи од самоспознавањето, преку соочувањето со последиците од сознанијата за себе, односно со слабостите, до конечното спасение – или ако сакате, успех.
Притоа Данте дава поуки поткрепени на неговото сопствено искуство од споменатиот „трнлив пат до ѕвездите“ (per aspera ad astra): смртта на неговата муза, Беатриче, предизвикала кај него длабока криза што ја пребродил задлабочувајќи се во филозофски и теолошки проучувања; и патем не само што си ги збогатил образованието и културата, туку, што е најважно, се доосознал себеси и изградил јасен однос кон вистината и правдата, односно стекнал висока етичка свесност.
Но, да не должиме, да видиме што сакал да ни каже самиот голем поет – притоа ќе забележиме дека Данте, кој е предвесник на ренесансата, има речиси идентичен светоглед со Леонардо да Винчи за кој пишувавме неодамна. Секако, мислите на авторот на „Божествената комедија“ се попоетски искажани, што е разбирливо со оглед на неговата главна вокација.
Така и во поуката од Данте која се однесува на првата фаза од патот до успехот, а имено на самоспознавањето, има многу поезија, но не за сметка на нејзиниот практичен ефект:
„Небеса се надвишуваат над тебе, покажувајќи ти ја твојата вечна слава, а твоите очи сѐ уште се вперени во земјата!“, пишува Данте за оваа фаза на освестување, порачувајќи дека погледот треба да биде кренат и отворен кога избира цел што ќе биде вредна за сите жртви што ќе ги побара патот до неа.
Поетот истовремено охрабрува преиспитување, критичко размислување без страв од промените на нашите ставови што може да ги предизвикаат сознанијата. Данте конкретно велел: „Сакам да се сомневам, исто толку колку што сакам да знам.“
А за најдобро искористување на новите сознанија, односно за нивно претворање во знаење, тој препорачува: „Добро слуша, оној што запишува.“

„Божествената комедија“ – примерокот на Галилео Галилеј
Поуките на Данте Алигиери за втората фаза од патот до успехот, што е соочувањето со последиците од сознанијата за себе и за светот, се содржани во главната порака од неговото поетско слегување во пеколот, што е алегорија за согледувањето на реалноста на нашите слабости. Оваа фаза често е тешка и болна, но нема напредок без овој дел од себеспознавањето, односно без преземањето одговорност за нашите идни акции. „Хинтот“ за успех во оваа фаза Данте го дава велејќи: „Волјата не може да биде угасната против своја волја.“
Големиот поет има препораки и за фазата кога патот наближува до својата цел, односно кога успехот почнува да надоаѓа. Овие препораки Данте ги поврзува со светлината-просветленоста стекната во претходните фази, и со она што во таа светлина ни се открива.
Данте вели: „Мала искра може да запали пламен“, како и дека „ако им дадеш светлина на луѓето, тие самите ќе си го најдат патот“ – последново како најмногу да се однесува на луѓе на менаџерски позиции.
Фирентинскиот поет кој починал во Равена смета дека во новостекнатата светлина треба да видиме и оти „убавината ја поттикнува душата да дејствува“. Како и дека треба да учиме од „природата, која е божја уметност“.

Најпрепознатливиот портрет на Данте (од Ботичели) во кампања на Pininfarina за 700-годишницата од смртта на поетот
-
Данте, Pininfarina и Montegrappa
Данте Алигиери е еден од најзаслужните за етаблирањето на италијанскиот јазик во литературата – неговите претходници преферирале да пишуваат на латински. Тој токму на говорниот италијански јазик ја напишал „Божествената комедија“, едно од најценетите дела на светската литературна уметност.
Оттука, на делото на Данте му е оддадено соодветно признание и во понудата на италијанските куќи на престижот кај инструментите за пишување, Pininfarina и Montegrappa.
Од односната понуда на Pininfarina, водечката светска дизајнерска куќа основана во Торино, ќе го издвоиме моделот Piuma Inferno, посветен на најпознатиот дел од „Божествената комедија“, што е „Пеколот“.
Се работи за рачно изработен инструмент од обгорено јаворово дрво, стручно третирано со оган според јапонска традиција стара со векови, за да биде отпорно и долготрајно. Темните тонови на Piuma Inferno алудираат на гревот и темнината, двата елементи кои Данте Алигиери ги разработува низ круговите од неговата поетска визија за пеколот. Инструментот има врв од Ethergraf, коj пишува со микроскопско „гребење“ на хартијата и нејзино оксидирање, оставајќи трага како графитот, но трајна како да е напишана со мастило. Врвовите од Ethergraf се практично непотрошливи, што значи можат неограничено да пишуваат. Секој примерок од Piuma Inferno е уникатен, зашто благодарение на опишаниот процес на изработка, секој финиш е различен.

-
Montegrappa, првата италијанска мануфактура за налив пера основана во Басано дел Грапа, им има посветено лимитирана едиција ултра-престижни инструменти за пишување на сите три дела од „Божествената комедија“.
Замислата за моделот Dante Alighieri: Inferno е прецизно изведена со технологија на изгубен восок, за ангажираните уметници да можат со детали да ги илустрираат гревовите и казните во секој од деветте круга на пеколот од патувањето на врвниот поет низ задгробниот живот.

Кај моделот Dante Alighieri: Purgatorio, величествени јуверлирски одливи го следат патот на Данте низ чистилиштето, додека се ослободува од своите гревови.

А „рајскиот“ модел Dante Alighieri: Paradiso, со кој и Данте ја заокружува својата „Божествена комедија“, од самата Montegrappa го сметаат за еден од најубавите во нивната богата историја на врвни инструменти за пишување.

Основата на трите модели е изработена од сребро и артизанска смола Montegrappite, перата се од 18-каратно злато, а деталите од различни благородни метали.





