За „Adulterio“ и наградените мозаици на Мишо Стојановски
Равена е светска престолнина на мозаикот. Соодветно, единствената ликовна академија во Италија која образува специјалисти мозаичари се наоѓа во овој град со дури осум објекти заштитени како светско културно наследство на УНЕСКО.
Питомецот на равенската Accademia di Belle Arti, Мишо Стојановски, во последно време како да е ‘претплатен’ на награди за мозаик
Амбиентот во кој настануваат мозаиците на Мишо Стојановски е како создаден за целта.
Малата Равена има навистина грандиозно историско и културно наследство, овенчано со осум споменици со статус светско културно наследство на УНЕСКО – врвни примери на ранохристијанската и византиска архитектура, украсени со монументални мозаици.
Равена била главен град на Западното римско царство (402-476), па на Остроготското кралство (493-540), сѐ дури во 540 година големиот војсководец на византискиот император Јустинијан Први, Велизариј, не ја вратил во рамките на византиската империја, по што станала центар и на византискиот (Равенски) егзархат.
Во оваа, ќе ја наречеме византиска историска отсечка (особено во 5-6 век), се поставени темелите на Равена како светска престолнина на мозаикот – нејзиниот заштитен знак, со кој градските власти ја брендираат и денес.


Мозаик од ‘старата’ Равена, Сан Витале... ...и нов равенски мозаик
Неповторливата аура што споменатите околности му ја обезбедиле на градот фасцинирала многу големи уметници: Dante Alighieri во Равена ја завршил „Божествената комедија“ и таму се наоѓа неговата гробница; Lord Byron, предводникот на романтизмот, тука живеел од 1819 до 1821 и работел на својата поема „Дон Жуан“, а градот е опеан и во поеми на Oscar Wilde, Hermann Hesse, T. S. Eliot, Александр Блок.
Јасно е дека во Равена не е лесно да бидеш мозаичар, а камо ли да брилираш како таков.
Но, Мишо Стојановски со делото „Senza Speranza“ (Без надеж) во ноември (2021) победи на конкурсот за мозаик „Илустрирање на комедијата: Пеколот“, распишан по повод 700-годишнината од смртта на Dante Alighieri.
А веќе во март (2022) со мозаикот „Conflictus“ (Конфликт) одново доби награда: за уметничко дело со најдобар современ истражувачки пристап, на 19-тото издание на Саемот за уметност во Форли, Италија (Vernice Art Fair). Наградата му обезбеди посебен штанд на следното издание на саемот, резервиран за негови дела.


„Senza Speranza“ Пред „Conflictus“, со директорката на академијата, Паола Бабини
Зачестеното појавување на Стојановски на радарот на тамошната будна културна јавност резултираше и со покана за самостојна изложба во Милано, што ќе биде поставена летово.
Мозаикот „Adulterio“ (Неверство) ќе биде дел од изложбата, со која уметникот гледа длабоко под површината на денешната цивилизација.
