Омилени 0

„Животот е чудо, затоа, додека тој постои, радувајте му се“ – од изложбата на Жарко Јакимовски во МАНУ

heading_title

Со зборовите цитирани во насловот, академик Влада Урошевиќ го заокружи своето вдахновено обраќање на отворањето на големата изложба по повод 50 години творештво на сликарот Жарко Јакимовски, поставена во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

А очигледно беше дека сите присутни споделија ист впечаток за она што го видоа, на кое академик Урошевиќ, експерт за фантастиката во уметностите, само му даде академско образложение.

„Првиот впечаток кога ќе се најдете опкружени со сликите на Жарко Јакимовски е радост за окото. Облиците и боите бликаат од овие слики, со една природна спонтаност и со блесок на изненада. Веднаш, во првиот миг, гледачот е соочен со една ведра експлозија на бои и облици, кои пред него се редат како мигновените метаморфози на обоените парчиња стакло пред окото на детето доближено до окуларот на калеидоскопот“, говореше академик Урошевиќ.

„Untitled (NZ)“, Жарко Јакимовски

По оваа чисто ликовно-естетска забелешка, неговата анализа на опусот на Јакимовски, богато изложен во галеријата на МАНУ, отиде зад појавното, покажувајќи зошто овој сликар е еден од најзначајните македонски уметници денес.

„Жарко Јакимовски несомнено е еден творец кој низ сликањето размислува; и кој низ процесот на творење сака да дојде до одговори на некои суштински проблеми чија природа далеку ги надминува оние прашања што ја засегаат само областа на ликовниот израз (…) Со страст на еден речиси научен пристап, кој би можеле да го наречеме вивисекција на видливиот свет, сликата кај Јакимовски станува еден вид операциона маса или лабораторија за микроскопска анализа.“

„Untitled (VJ)“, Жарко Јакимовски

Во Ликовниот салон на МАНУ се поместени дела од сите периоди на творештвото на Јакимовски, кои „најчесто стојат на самиот раб на апстракцијата, не губејќи ја исцело врската со опкружувањето околу нас што го сметаме за реално“, како што рече академик Урошевиќ.

Во однос на техниките, изложениот опус опфаќа суви пастели и сликарство од раниот период на авторот, како и од подоцнежната езотерија.