Warning: unlink(/home/clickupc/hartocartdata/cache/cache.catalog.language.1770599803): No such file or directory in /home/clickupc/hart.mk/system/library/cache/file.php on line 68 Постојано се менуваме, нека нѐ менува убавината: Вовед во уметноста на гледање на уметноста
Омилени 0

Постојано се менуваме, нека нѐ менува убавината: Вовед во уметноста на гледање на уметноста

heading_title

„Лично, најголем степен на задоволство доживувам при средби со уметнички дела. Тие ми обезбедуваат чувство на среќа со интензитет што не можам да го добијам од други извори“ – Алберт Ајнштајн

На цитираното не му треба објаснување, но, ако го развиеме парарафразирајќи го, ќе речеме дека човек кој не е инволвиран во светот на уметноста, се лишува од среќа каква што опишува Ајнштајн, како и од сите останати ексклузивни придобивки од уживањето во плодовите на имагинацијата, креативноста, талентот и светогогледите на најверодостојните мајстори на убавината, што секако се уметниците.

Кажано и поинаку, ускратеноста од доживувањето искуства од средби со уметноста не значи само откажување од некој периферен, ненужен дел од животот, туку од можноста да се менуваме, надминувајќи ги сопствените ограничувања, и откривајќи ги нашите најдобри потенцијали, на врвно инспириран начин.


Но, и натаму, од многу луѓе слушаме: „Не следам многу уметност, немам време, не се разбирам доволно.“

А имајќи предвид на што сѐ трошиме време, причината, се чини, не е во презафатеноста. Туку повеќе се работи за предрасудата дека за да се ужива во уметност, неопходна е некоја посебна компетенција, знаење, информираност, нешто кое најголем дел од нас го немаат.

Но, дали ова е навистина условот да се ужива уметноста? Краткиот одговор е: воопшто не. А во овој текст ќе се потрудиме да го дадеме и образложението.

Има ли правила за оценување на вредноста на уметничкото дело?

Ќе почнеме со една од најспорните точки во контекстот, што е современата уметност.

Многумина од нас се нашле во ситуации кога не можеле да видат уметност во дела кои ликовните критичари ги воздигнуваат како генијални. По неколку вакви искуства често следи заклучокот дека не ја разбираме современата уметност, а предрасудата почнува да закоравува одвраќајќи нѐ од посети на галерии и музеи.

А, се чини, сѐ би било поинаку кога критичарите или некои други експерти за уметност би можеле да ни кажат точни и јасни правила по кои би се раководеле при оценката на уметничките дела. Но, вистината е дека ниту тие не знаат за такви правила, зашто такво нешто не постои. Вредноста на едно уметничко дело не може да се измери како што, на пример, во геометријата со формула се пресметува плоштината или периметарот на геометриска фигура.

Овде ќе се сетиме колку катастрофално грешеле и самите ликовни експерти низ историјата на вкусот за уметност, и воопшто за убаво: денес неприкосновениот класик Винсент ван Гог не успеале да го препознаат сѐ дури не починал! 


Црквата во Овер / Автопортрет (Винсент ван Гог)

Важна предрасуда од која треба да се ослободиме при оценувањето на уметничките дела е и дека тука е клучен занаетскиот дел, односно колку истите се мајсторски нацртани, насликани, извајани. Веднаш ќе потсетиме на познатата „Глава на бик“ од Пабло Пикасо, за која тој употребил незначителен рачен, занаетски труд: едноставно зел седло од велосипед и го поставил на воланот (од истиот велосипед). Овде, јасно, вредноста е во блесокот на имагинацијата на Пикасо, во неговата способност да согледа извонредна глава на бик во замислена комбинација од два едноставни предмети. Пораката е јасна: создавањето на уметничко дело не треба да се меша со вештината на занаетлијата, па нека е тој технички и најдобриот цртач, сликар, вајар.

Овој дел соодветно ќе го заокружиме со цитат токму од Пикасо, што воедно ќе го најави и продолжението на текстот: „Зошто се обидувате да ја разберете уметноста? Пробувате ли да го разберете пеењето на птиците?“


Глава на бик (Пабло Пикасо)


Постои ли лаик за уметност?

Со уметност и со пригоди да го изразиме нашиот вкус се среќаваме секојдневно, сосем надвор од галериите, музеите и останатите специјализирани места. Тоа ни се случува кога ќе забележиме убава зграда, автомобил, мобилен телефон, насловна страница на магазин, билборд…, зашто зад дизајнот на сето ова стојат уметници. А оние кои ентузијастички уживаат во добриот дизајн, односно во уметноста што е ставена во служба на практични цели, имаат сѐ што им е потребно за да преминат на уметноста која е цел за себе, на сликарството, графиката, скулптурата…

Х.В. Јансон во воведот од својата позната „Историја на уметноста“ вели: „Лаикот го дефинира не тоа што тој навистина е потполн лаик, туку што сам за себе верува дека е таков. Во стварноста нема остра граница ниту разлика меѓу него и експертот за уметност. Разликата е во степенот. Патот кон станување познавач го повикува секој што има отворен дух и способност да прима нови искуства“.

Зашто патиштата што ги трасира уметноста се толку колку што таа има гледачи. И сите водат каде што треба. Не постои едно единствено правилно толкување на уметничко дело, па дури и кога доаѓа од самиот автор (затоа многу уметници наместо да ја објаснуваат својата уметност, оставаат таа да зборува за себе).

Неспорно е дека еден ликовен критичар има повеќе информации од нас, околу биографијата на уметникот, намерата што ја имал создавајќи одредено дело, техниката што ја применил. Но, нема повеќе информации кога е во прашање убавината на делото. Секако, вреди да се слушнат мислењата на поискусните, но, на крајот секогаш треба да ја бараме нашата вистина. Зашто сите сме подготвени за примање на убавината, и само од нашата желба зависи дали ќе растеме според нејзината мера. Во ваков случај „техничките“ информации лесно се учат: како што навивач на фудбалски клуб без напор ги научува сите играчи, вклучително и оние на ривалите, и без проблем се ориентира низ различни генерации од историјата на клубот.

Но, од каде да се почне со уметноста, со сликарството, графиката, скулптурата, мозаикот? Овде ќе потсетиме на фактот дека примарна цел на уметноста е да биде видена. А од тоа како ја гледаме, зависи дали таа ќе успее да ни го приреди тоа трансформативно искуство. Зашто истото е невозможно без нашата инволвираност, кооперативност. Прашањето е значи колку го посакуваме, односно колку сме отворени за тоа искуство, за кое зборува и најгоре цитираниот Ајнштајн.

Еден совет за целта, од технички аспект, би бил при гледањето уметнички дела да не паѓаме во замките на ограничувачкиот, интелектуален пристап. Умот секако ќе си го каже своето, но најпрво треба да се отвориме и препуштиме во едно невино, детско, емотивно искуство, на чисто доживувањето на делото. Овој пристап ја зголемува можноста уметноста да енергизира, наместо да фрустрира и деморализира.

„Повеќе научив од мајка ми, отколку од сите историчари на уметноста и кустоси кои низ животот ме снабдуваа со информации за техничките аспекти од историјата на уметноста“, рекол Дејвид Роквелер.

Значи основниот услов за срдечно запознавање со уметноста е ентузијастички, емотивно ангажирани, да се препуштиме во уметноста на гледањето. Ако тргнеме вака, хоризонтите постојано ќе ни се шират, а информациите и знаењето самите ќе дојдат да се надоврзат.

И набрзо, наместо некакви слики купени колку за надополнување на ентериерите во нашите домови, ѕидовите ќе ни ги красат дела во кои вистински ќе уживаме, од кои ќе се гледа дека го знаеме она што ни се допаѓа; и, кои, не е исклучено, набрзо ќе се прошират во колекции, како извесни барометри на нивото на нашата културна софистицираност.

Почнавме со Ајнштајн, а на крајот пак ќе ѝ се навратиме на науката.

Неодамнешна студија спроведена во Обединетото Кралство покажала дека луѓето кои посетуваат настани од областа на културата и уметноста се значително позадоволни од своите животи, во споредба со оние кои немаат таква практика. Понатаму, според медицинска студија објавена во Британскиот медицински журнал, кај луѓето кои биле вклучени во културно-уметнички активности пофреквентно (барем еднаш во неколку месеци или почесто) ризикот од рана смрт бил намален за 31%, независно од демографските, социо-економските и други фактори.

Цитираните студии се дел од бран истражувања што го поврзуваат консумирањето уметност со здравствени бенефити. Вакви студии спроведени во Данска и Британија покажале дека присуството на уметнички дела во болниците значи позадоволни пациенти, односно попозитивни здравствени резултати. Монтреалскиот Музеј на уметностите дури почна и иницијатива во која доктори пропишуваат посети на музеи за подобро здравје, преку канадскиот здравствен систем, што подразбира бесплатен влез (во музеите) за пациентите и за лицата кои се грижат за нив.