За творештвото на мајсторот на македонското сликарство, Жарко Јакимовски
Жарко Јакимовски (1948) е еден од најзначајните македонски уметници чија кариера закитена со бројни награди и признанија трае повеќе од половина век. Секоја средба со сликарството на Јакимовски се доживува како интензивно субјективно искуство кое допира до гледачот на ниво на некоја скриена свесност, полнејќи го со возвишено знаење кое не може да се пренесе со зборови. Истовремено дава доказ за доследноста со која авторот технички бескомпромисно ја остварува својата објективна теорија за тоа што го прави едно уметничко дело големо:
„Патот што трае над половина век, секојдневно до денеска, е перманентно истражување врз база на искуството собирано од делата на големите мајстори. Тоа е една дисциплина, во која на крајот доаѓа најважното: каде сум јас, мојот ракопис, белег, знак“, се зборови на Јакимовски.


Додека студирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, Јакимовски директно, како од професори, учел од големите словенечки уметници Габриел Ступица (1913-1990) и Јанез Берник (1933–2016), врвни мајстори од познатата традиција на љубљанската школа. А „индиректно“, особено низ студиските престои во Холандија, Франција, Германија… , го образувале големите мајстори на светската историја на уметноста.
Илустративен пример за ова впивање на најдоброто дава неговиот престој во Париз, каде со месеци, секојдневно, во првата половина од денот проникнувал во „Сплавот Медуза“ на Théodore Géricault во Лувр, а другата ја поминувал со Picasso во нему посветениот музеј.
Неговата исклучителна култура апсорбирана со истенчен критериум за уметност која функционира независно од времињата и географијата, вклучително и фреско сликарството од Курбиново или на Михаил и Евтихиј, „што е чист наш кубизам“, како што вели Јакимовски; наоѓа блескав израз во неговите дела како материјал за реинтерпретации со еден постојан и автентичен ракопис. Јакимовски, и според ликовните критичари, како од самиот почеток, во фазите на себе-барање, веќе да го нашол својот ракопис, чиј носечки елемент е цртежот:
„Прво е цртежот, тој е мислата. За тоа што сакаш да го соопштиш, најбрзиот, најдиректниот начин е преку цртежот“, вели уметникот чија линија водена со совршена вештина создава чувство кај гледачот дека ја гледа сржта на насликаните предмети, колку и да се стилизирани.
-
Во согласност со досега кажаното, неблагодарно е да се издвои дело што би било репрезент на творештвото на Жарко Јакимовски, но, ќе си дозволиме да посочиме пример каде што особено прегледно може да се воочат неговите специфики како автор: реинтерпретацијата на споменатиот „Сплав Медуза“.
Делото, монументално не само според димензиите, ја пренесува темата на безизлезот, со експресија „на стероиди“. Стилизирано, а сепак поверно отколку во оригиналот на Géricault, го зрачи очајот на човекот, кога тој сѐ на што може да се надева е „милоста“ на стихијата. Буквално секој милиметар од платното со димензии 258 × 206 сантиметри сведочи за беспрекорност – на уметничкото мајсторство и на креативната визија.
Или, како што вели Жарко Јакимовски:
„Кога сликаш треба да си изолиран од сѐ, со максимална концентрација, додека имаш енергија, додека имаш снага, физички и психички. Особено кога се работи за големи формати – треба физички и умствен напор за да стигнеш од едниот до другиот крај на сликата. Треба да го совладаш тој формат, да го владееш.“






