Колекција пенкала Italian Beauty од Pininfarina, креирана во соработка со големиот посветеник на италијанското културно наследство, Франческо Корни
Веројатно никого не треба да уверуваме во убавината на италијанските градови - таа е факт со кој сите се сложуваме. А можеби најдобро ја опишал славниот американски писател Марк Твен, велејќи дека „Творецот ја создал Италија според нацрти од Микеланџело“. Овде, јасно, Твен се повикува на генијалниот ренесансен уметник имајќи го предвид недостижното совршенство на неговите дела. Лирски пак израз на споменатата акламација за италијанската убавина ќе позајмиме од најзначајната руска поетеса Ана Ахматова, која Италија ја доживеала како „сон, кој продолжува да ви се враќа до крајот на животот“.
Колекцијата ексклузивни пенкала од Pininfarina Segno, Piuma Italian Beauty, е дизајнирана токму во слава на уметноста, културата и елеганцијата на Италија. Оваа специјална едиција посветена на некои од најомилените италијански градови, како Рим, Милано и Фиренца, е креирана во партнерство со славниот италијански илустратор Франческо Корни (1952-2020), односно со фондацијата поврзана со неговото уметничко наследство.

Франческо Корни
Се работи за пенкала чие тело е целосно изработено од крушово дрво, со силуета која потсетува на гускините пера со кои некогаш се пишувало, додека мината е Schmidt S635 D1, за да гарантира лесно и прецизно пишувачко искуство. Пенкалото доаѓа со челичен држач за на биро, а една од неговите најзначајни карактеристики е кутијата, со која Pininfarina се надоврзува на визијата на Франческо Корни (на кого ќе се осврнеме веднаш) со умешен избор на бои, по една за секој од градовите застапени во колекцијата, создавајќи од кутијата на Piuma ново уметничко дело.
Piuma Italian Beauty (Рим)

Piuma Italian Beauty (Милано)
Piuma Italian Beauty (Фиренца)
Франческо Корни бил илустратор кој животот го посветил на популаризација на историјата и архитектурата. Роден во Модена, а израснат во Торино, тој својата стручна подготовка за споменатата цел ја стекнал како официјален цртач при археолошки ископувања. Цртајќи го тоа што археолозите го откривале, Корни набрзо увидел дека неговите цртежи се многу ефикасни за да ѝ се приближат на јавноста апстрактните научни концепти, особено во времето кога 3Д реконструкциите уште не постоеле. Набрзо почнал да соработува со стручни списанија, развивајќи сопствен ликовен јазик, способен да ја заинтересира и широката публика. Неговите илустрации воодушевуваат со прецизноста и деталноста, исто колку што изненадуваат со перспективите во кои се прикажани објектите. Ова е пристапот што ѝ овозможувал на публиката полесно да ги разбере сложените архитектонски и историски структури.

Илустрации на Франческо Корни
Франческо Корни во овој период почнал да соработува со бројни италијански и европски издавачи, музеи и останати институции, создавајќи илустрации за книги, документарни филмови, едукативни панели, поставувајќи изложби. Неговата работа се повеќе била насочена да ги направи историските, археолошките и архитектонските податоци достапни и интересни за сите, верувајќи дека токму разбирањето и воодушевувањето (од убавините на Италија со кои уметникот се занимавал) се предуслов за зачувување на културното наследство. Како што кажавме, прецизноста, деталноста на неговите цртежи претставувале повик за посматрачот: овде има нешто кое заслужува внимание. А на истото конто ја додадовме и другата негова најважна одлика, а имено перспективата во која ги поставувал објектите, до која стигнувал на следниов начин: најпрво темелно го проучувал односниот објект, потоа го „сецирал“, односно „расклопувал“, пред на крајот да го прикаже во тридимензионална, неретко „летечка“ перспектива, настојувајќи да пренесе што повеќе информации на хартијата.







