Pininfarina Cambiano – „Убавината секогаш остава неизбришлива трага“, исто како и врвот од Ethergraf
Споменувањето на Pininfarina непогрешливо асоцира на врвен автомобилски дизајн, дури и кај оние кои не ги интересира автомобилизмот. Но, водечката светска дизајнерска куќа основана во Торино во 1930 година, со истата елеганција, чистина и иновативност – клучните поими во нејзиниот дизајнерски јазик, креирала и луксузни часовници, архитектура и апарати за домаќинство. Со богатото искуство на визионерско согледување на сценаријата што ги носи иднината, Pininfarina продолжува да дизајнира и создава иновативни решенија за подобрување на квалитетот на животот (што значи и за препуштање во уметноста на живеењето), а колекцијата инструменти за пишување Pininfarina Segno e новото поглавје од приказната.
Проектот е резултат на визијата за креирање нови, свежи искуства и перспективи, од аспект на дизајнот, технологијата, материјалите и употребата на инструментите за пишување. Од Pininfarina Segno потцртуваат дека идејата не е едноставно проширување на портфолиото со нови производи кои ќе го носат дизајнерскиот печат на Pininfarina, туку создавање на „креативна опсерваторија“ што ќе селектира и соработува со брендови кои заслужуваат поголема видливост поради своите извонредни иновации, креативност, визии, хармонизирани со суштинските вредности на Pininfarina.

Едно од најпрепознатливите обележја на колекцијата Pininfarina Segno е патентираниот материјал Ethergraf, металната легура инспирирана од сребрениот молив користен од Leonardo Da Vinci. Стилусите Pininfarina Segno со врвови од Ethergraf пишуваат со микроскопско „гребење“ на хартијата, која ја оксидираат оставајќи трага како графитот, но трајна како да е напишана со мастило. Врвовите од Ethergraf се практично непотрошливи, што значи можат неограничено да пишуваат. Овие стилуси, како што велат нивните креатори, немаат за цел да ги заменат вообичаените алатки за пишување, туку да одат понатаму, преку претставата за функционалноста, трансформирајќи се во совршено дизајнирани инструменти спремни да одговорат на потребите на оние кои секогаш имаат што да кажат и изразат.
Од сребрениот молив на Leonardo … до Ethergraf
„Pininfarina Segno ни овозможува да истражуваме нови сценарија и да креираме алатки што го подобруваат искуството на луѓето кои живеат од креативност, и кои бараат производи што го револуционизираат начинот на кој се употребуваат“, се зборови на извршниот директор на Pininfarina, Paolo Pininfarina.

Топ моделот од колекцијата, Cambiano, името го позајмува од делот на Торино каде што се наоѓа седиштето на Pininfarina. Со Pininfarina Cambiano дизајнерската куќа го реинтерпретира поимот луксуз, изразувајќи се преку овој престижен предмет со моќен стилски идентитет. Ова уметничко дело кое неспорно ќе се најде во одделите за дизајн на светските музеи, својата исклучителна индивидуалност му ја должи на спојот на технолошките иновации со различните комплементарни материјали и суштествено елегантните дизајнерски линии.
Телото на стилусот е изработено од алуминиум, со инсертации од оревово дрво, од кое е изработена и кутијата на Pininfarina Cambiano со вградена функција на држач, кој стилусот го поставува во позицијата на древните пера за пишување.
Кај луксузната варијанта на моделот алуминиумскиот дел од телото е обложен со злато (0.30 микрони), а за љубителите на пишувањето со класично пенкало, кои станале фанови и на Pininfarina Cambiano, овој инструмент доби и мастилна верзија.
-
За крај, уште еднаш пригодно ќе го цитираме Paolo Pininfarina, кој вели дека „убавината секогаш остава неизбришлива трага“; што, кога е во прашање Cambiano има двојно значење: елеганција што ќе трае засекогаш, и трага од Ethergraf подготвена да ја следи.






