Леонардо како учител
При самото споменување на најкреативниот гениј во историјата на човештвото, Леонардо да Винчи, веднаш нѐ заплиснува воодушевување до степен како да не се работи за вистински човек, туку за некој измислен суперхерој на умот и креативноста. Но, вистината е дека движечката сила на гигантската креативност на Леонардо споена со страстната интелектуална љубопитност, е сосем човечка: тоа е неговиот светоглед од кој тој ги развил своите животни вештини, формулирајќи ја нивната суштина и во пишана форма во своевиден дневник (над 6000 страници со белешки), кој не случајно ни го оставил, поттикнувајќи нѐ да читаме и применуваме.
Од една страна е неговата неспоредливост со „обичните смртници“: како уметник чии „Мона Лиза“ и „Тајна вечера“ се најпознати и најрепродуцирани слики на сите времиња; и мултиталент до исклучителни нивоа со соодветен придонес во анатомијата, ботаниката, геологијата, оптиката, астрономијата, хидрауликата, урбанистиката… – да не трошиме зборови на неговите легендарни изуми, Леонардо по сеопфатноста на своите творечки и истражувачки ангажмани е уникатна појава на универзален гениј, чија способност за истовремена критичка опсервација на нештата и иновирање во свет на неограничена имагинација, односно креативност, расветлила многу комплексни проблеми и визионерски упатила на нивните конкретни решенија.

Но, од друга страна се илјадниците рачно напишани белешки на Леонардо, кои даваат увид во неговиот секојдневен живот; полни со „формули“ во „соџвакана“ и „приземјена“ форма, за тоа како тој го извлекувал најдоброто од себе. Се работи за формули кои се универзално применливи, иако скроени според мерата на еден вистински универзален човек – uomo universale – сфатено во смислата на остварен ренесансен идеал за човек што може да направи сѐ што ќе посака, а притоа секогаш да брилира, Леонардо да Винчи.
Еве, ќе почнеме со нешто што веднаш паѓа во очи од белешките на Леонардо, а денес сѐ помалку го применуваме; односно, пропуштаме многу навидум неважни, но всушност вредни нешта, трчајќи низ животот. Во дневниците на Да Винчи често станува збор за такви ситници на кои никој од неговите современици не им обрнувал внимание, но, се покажало дека тој, благодарение на внимателното набљудување, инспирацијата за многу од изумите ја наоѓал токму во детали од секојдневието.
Секако, во овој текст немаме намера да го исцрпиме Леонардо да Винчи како животен учител; но, ќе наведеме неколку препораки што ни оставија најголем впечаток од неговите белешки.

Бидете љубопитни. И жедни за учење и разбирање на нештата
„Поминував цели денови талкајќи покрај полињата, набљудувајќи и барајќи решенија и одговори на некои мои прашања, обидувајќи се да ги разберам нештата кои не ги разбирав: како морските школки дошле на врв на планина заедно со фосили на корали, алги; како се формираат кругови во водата кога во неа ќе фрлиш камен; како летаат птиците? Овие прашања и многу други појави ги окупираат моите мисли цел живот (…) Вообичаено човек го гледа истото, па сепак ништо не може да види, слуша, па сепак не може да чуе, допира, без вистински да допре…“, е цитат од Леонардо да Винчи, кој сметал дека „секој феномен што внимателно го посматраме станува предмет за знаење“.
А понатаму вели: „Љубовта кон одреден предмет е ќерка на нашето знаење за него. За нешто да научиме, потребна е љубов кон тоа, а кога ќе дознаеме и ќе си го продлабочиме знаењето за нешто, тогаш уште повеќе го сакаме.“
Не ѝ ставајте кочници на имагинацијата. Но, не одете со глава во ѕид против фактите
„Почитувајте ги фактите“, порачува Леонардо, симболот на неограничената имагинација, но и на експериментирањето, мерењето и премерувањето, критичкото размислување при реализацијата на неговите уметнички дела и изуми. Со други зборови, пораката е наместо да ја виткаме вистината според нашите потреби, ние еластично да се поставиме во однос на неа. Односно, да не бидеме суетни кога треба да си го промениме мислењето, доколку тоа го бараат сознанијата и фактите.
Учете од природата
Иако е (можеби) најголемиот ум на човештвото, Леонардо сметал дека инвентивноста на природата е далеку понадмоќна од човечката мисла. Верувал дека мудриот човек длабоко ја почитува природата и учи од неа. Во оваа смисла Леонардо е претходник и на денешната филозофија на еколошки дизајн, а многу историчари го сметаат и за прв борец за правата на животните: бил вегетаријанец и често купувал птици во кафези само за да ги ослободи.
Леонардо запишал: „…оние кои студираат само според дела на луѓе автори, а не според делата на природата, се само внучиња, а не синови на природата, учителката на добрите автори.“
Запишувајте, за да ги искористите блесоците на инспирацијата
Леонардо да Винчи ни оставил над шест илјади страници со белешки дополнети со над сто илјади цртежи. Во нив ги опишувал своите експерименти, скицирал архитектонски и технолошки замисли…, но, во контекстот на овој текст важно е што често си запишувал нешта како потсетници за себе, за да се сети на нив подоцна и да ги доразвие или да ги употреби при следни истражувања.
А и од сопствено искуство знаеме дека блесокот на некоја мисла, идеја, инспирација, често го забораваме ако не го запишеме. Леонардо, секако, пишувал рачно, но и тука бил пред останатите: за да не биде прекинуван од потребата да го решава затапувањето или трошењето на инструментот за пишување, си го измислил сребрениот молив, кој, пак, послужил како инспирација за неговата денешна варијанта, стилусите на Pininfarina со врв од Ethergraf. Овде е важно да се забележи дека психолошки студии покажуваат оти деловите на мозокот поврзани со учењето се поактивни кога се се пишува на хартија наместо на тастатура; како и дека рачното пишување поефикасно ја активира потенцијалната креативност.

На мака се познаваат јунаците
„Ги сакам оние кои проблемите ги дочекуваат со насмевка, кои наоѓаат нова сила во тешкотиите и стануваат уште похрабри. Тогаш тесноградите попуштаат, но оние чии срца се цврсти, а совеста им ги оправдува делата, се подготвени да ги следат своите принципи до смрт“, напишал Леонардо.
А еден од неговите ученици ja забележал следнaва поука на задната страна од цртеж на учителот:
„Ниту еден човек кој честа ѝ ја жртвува на заработката, не е способен за доблест. Среќата е немоќна да му помогне на оној кој самиот не се труди доволно. Нема совршена дарба без големо страдање. Нашите триумфи и помпезности поминуваат: алчноста, мрзливоста и разметливоста ја протераа доблеста отсекаде, така што нашата природа се изопачува и им се покорува на навики.“
Барајте богатство што „не го јадат молецот и рѓата, ниту крадци го поткопуваат“
„Не го нарекувај богатство она што може да се изгуби. Доблеста е нашето вистинско богатство и вистинската награда за оној што ја има. Таа не може да се изгуби (…) Луѓето кои не сакаат ништо друго освен материјални богатства и задоволства, се лишени од потполното богатство на мудроста, односно од храната и единствената сила на духот.“
Постигнете хармонична поврзаност меѓу умот и телото
Леонардо меѓу Фирентинците бил познат и по неговото држење, грациозност, агилност, но и физичка сила. Покрај неуморното пешачење, практикувал и јавање, мечување, пливање, сметајќи дека човек треба да се однесува одговорно кон своето здравје. Еве ги советите на Леонардо и во оваа смисла:
„Пазете се од лутина и тажни расположенија. Бидете со ведар дух. Умерено вежбајте. Јадете едноставно и добро џвакајте. Вечерајте малку.“

-
Леонардо и Pininfarina
Погоре ги спомнавме Pininfarina стилусите со врв од Ethergraf (метална легура инспирирана од сребрениот молив користен од Леонардо да Винчи), кои пишуваат со микроскопско „гребење“ на хартијата и нејзино оксидирање, оставајќи трага како графитот, но трајна како да е напишана со мастило. Врвовите од Ethergraf се практично непотрошливи, што значи можат неограничено да пишуваат.
Иако Ethergraf-от е препознатливо обележје на голем дел од колекцијата инструменти за пишување Pininfarina Segno, во оваа пригода ќе издвоиме два од моделите именувани по ренесансниот гениј.
Pininfarina Piuma Leonardo
Стилус што е целосно изработен од дрво (јаворово или крушово), со динамичен облик кој потсетува на древното гускино перо за пишување, а инспириран од студиите за летањето на Леонардо. Овој модел доаѓа со огледален челичен пиедестал, на кој се огледува потписот на Мајсторот, кој често пишувал со намера напишаното да се чита одразено во огледало.
Pininfarina Cambiano Leonardo Drawing
Оваа лимитирана едиција од водечкиот модел меѓу Pininfarina стилусите, Cambiano, е посветена на научниот пристап во уметноста на Леонардо. Проучувањето на животните форми тој го почнувал со нивното појавување во неговото сликарско око, а потоа продолжувал со подробно истражување на нивната суштинска природа. Неговиот познат автопортрет, кој навидум нема врска со математиката, всушност е развиен според растечкиот образец на логаритамската спирала. Оваа математичка форма, амблем на златниот пресек, се повторува во природата, од структурата на едноставната школка, до обликот на галаксиите, и е универзален симбол за совршенство.







