Генијалниот Рафаело инспирација за колекција стилуси на Pininfarina
Рафаело е третото моќно, величествено име што ја заокружува големата тројка на високата ренесанса, заедно со Леонардо и Микеланџело. Создал сопствен стил што се одликува со ускладеност и урамнотеженост на композицијата, јасен цртеж и продуховен израз на ликовите, често сместени во простори со длабока перспектива. Мајсторски применувал хармонични колористички скали, со извонредна поврзаност на заситените и прозрачните бои. Во неговото сликарство духот на високата ренесанса дошол до полн израз, во слава на класичната хармонија и идеалната убавина.
Креативците и занаетчиите од Pininfarina Segno, колекцијата инструменти за пишување, дале сѐ од себе во остварувањето на желбата достојно да му оддадат почит на овој генијален уметник по повод 500-годишницата од неговата смрт, што беше одбележана во 2020-та година.
Една од нивните креации е стилусот Piuma Raffaello, инспириран од гледната точка на Рафаело кон уметноста: дека убавината, колку и да се чини недофатлива, всушност е најконкретното нешто, зашто е најбарана; а за уметнички да се создаде, покрај талент, бара и многу знаење.
На овој стилус со динамичен облик кој потсетува на перо, целосно изработен од јаворово дрво, поставен е потписот на Рафаело, што е невидлив за голото око, а се открива ако се погледне низ вклучената поларизирана леќа, вградена во држачот за на биро.
„Нештата не се секогаш такви какви што се чинат“, како да порачуваат од Pininfarina, алудирајќи на мајсторството со кое Рафаело создавал илузии за просторна длабочина (ќе се сетиме на грандиозната фреска на мајсторот, „Атинската школа“, од Апостолската палата во Ватикан).

„Атинска школа“, Рафаело
Вториот модел посветен на Рафаело, Cambiano Raffaello, симболично го слави неговото владеење со боите. Големиот мајстор уште на рана возраст почнал да согледува дека зад убавината стои поклопување на фактори, чија тајна може да ја одгатне само уметник со врвен талент, преку длабински проучувања и внимавање на секој детал. За целта Рафаело ги набљудувал и големите уметници современици, и не само што ги откривал нивите тајни, туку и ги надминувал.
Во оваа смисла, неговиот талент и техничко знаење најмногу доаѓаат до израз во начинот на кој ги употребувал боите. На кутијата на стилусот Cambiano Raffaello, изработена од кедрово дрво, еднобојни цртежи создаваат навидум хаотична слика, која се разјаснува ако се погледне низ двата вклучени филтри во боја. Така интеракцијата со овие визуелни објекти станува игра на истражување и изненадување: леќите ги кријат деталите со иста боја, а ги истакнуваат подробностите на комплементарната. Самиот стилус е изработен од алуминиум, со инсертации од миризливо кедрово дрво.

Ќе додадеме уште дека и Piuma Raffaello и Cambiano Raffaello доаѓаат со најпрепознатливото обележје на колекцијата Pininfarina Segno, патентираниот материјал Ethergraf. Се работи за метална легура (инспирирана од сребрениот молив користен од Леонардо да Винчи) која пишува со микроскопско „гребење“ и оксидирање на хартијата, оставајќи трага како графитот, но трајна како да е напишана со мастило. Врвовите од Ethergraf се практично непотрошливи, што значи можат неограничено да пишуваат. Како што е неограничено траењето на убавината што ја создал Рафаело Санти.







