Пенкалото, извор на знаењето и мудроста
Големиот Владимир Набоков („Лолита“) во својот роман „Блед оган“ од 1962 година анализира два методи на креирање. Едниот се одвива исклучиво во умот, а во другиот креацијата вклучува пишување со пенкало на хартија. Набоков првиот метод го нарекува агонија, во која „мозокот набрзо се затвора во железно капаче од болка“. А вториот метод го образложува како негов избор, пишувајќи дека тогаш „раката ја поткрепува мислата, апстрактната битка се води конкретно, фразата и физички е водена кон светлина, низ лавиринтот од мастило“.
Ова што тој маестрално го опфатил опишувајќи го своето искуство, прецизно ги предвидува научните истражувања од иднината, кои се однесуваат и на споредбата меѓу типкањето на тастатура и пишувањето со рака.
„Пишувањето со рака е многу покомплексен когнитивен процес од типкањето на тастатура, зашто ги комбинира невросензорните искуства со фината моторика, во нераздвојна кореографија на движењата и мислите“, вели науката. Тоа е поврзано со креативноста, со критичкото мислење и вештините за решавање проблеми.
Не е сеедно што нашиот ум е многу поангажиран кога ги насочува прецизните движења што ги подразбира пишувањето на хартија. Овој процес на извонреден начин го помага паметењето, учењето, потсетувањето. Односно, ја помага најголемата човечка моќ, знаењето.
Каква е врската меѓу пишувањето со пенкало на хартија и знаењето?
Типкањето на тастатура е брзо, пишувањето со рака побавно; и токму тоа е причината што второто, навидум парадоксално, го забрзува учењето.
Користењето на пенкало и хартија на мозокот му дава повеќе „кукички“ на кои може да го закачи своето сеќавање. Многу сетила се активираат со притисокот на пенкалото на хартијата, со чувствувањето на подлогата, со држењето на инструментот в рака, со гледањето на буквите кои ги пишуваме, со слушањето на звукот што го произведува пишувањето, па и со самиот мирис на хартијата. Овие сензорни искуства создаваат контакт меѓу различни делови на мозокот и го отвораат за учење, покажуваат бројни научни истражувања.
Мозокот подобро резимира и проникнува во значењата кога запишуваме на хартија. Истражувањата покажуваат и дека луѓето кои пишуваат со пенкало почесто мислат „надвор од кутијата“, односно се поспособни да ги поврзат навидум неповрзаните нешта, испорачувајќи неконвенционални решенија за комплексни проблеми.
Практична потврда на цитираните научни истражувања даваат врвните креативни умови.
Ќе го споменеме, на пример, генијалниот Џ. Р. Р. Толкин; мултилингвистот кој и измислил неколку јазици; и еден цел свет до најситни детали, како сцена за неговите капитални дела „Господарот на прстените“ и „Хобит“.
Толкин, кажувајќи сѐ во контекстот со само неколку збора, изјавил: „Пенкалото за мене е како клунот за кокошката“.
А големиот француски писател Гистав Флобер („Госпоѓа Бовари“) рекол: „Јас сум човек-пенкало. Чувствувам преку пенкалото, поради пенкалото“.
Не случајно ги наведовме овие два примери, сакајќи да опфатиме најширок спектар од креативниот свет: зашто Флобер е водечкиот реалист на француската литература, а Толкин татко на современата епска фантастика.
Кога вреди да се инвестира во врвен инструмент за пишување?
Пред секоја инвестиција, материјална или емоционална, мудро е истата да се измери според целта.
Светот на врвните инструменти за пишување лесно заведува, но личното пенкало треба внимателно да се одбере, според стилот и потребите. Кога велиме стил, секако не мислиме истиот да се исцрпи во категоријата имиџ; туку пенкалото со својот изглед, и со способноста да зрачи и нематеријална убавина за задоволување на метафизичките, емотивните потреби; да мотивира, да ја помага креацијата во смислата опфатена погоре во текстот; која се однесува на личниот развој, на создавањето конкурентски предности.
Изборот на вистинското пенкало секако треба да се промисли и од аспект на потребите. Овде само ќе нафрлиме дека начинот на кој го стилизираме напишаното со рака, дава можност на повисоко ниво да се крене натамошната анализа и организирањето на мислите и идеите; нивното забележување да се направи поперсонализирано, односно поефикасно.
Овој текст ќе го заокружиме со ставот на посветениците во светот на префинетите инструменти за пишување, кој вели дека пенкалото е еквивалент на внатрешниот свет што го изнесуваме надвор од себе.
Без разлика дали се тоа креативни идеи, деловни планови, размислувања, лични цели…








