Историски моменти исполнети со есенцијата на брендот Montegrappa
Почната пред повеќе од век (во 1912), постојаната потрага на Montegrappa по нови ‘формули’ за остварување на магичната врска меѓу човечката мисла и хартијата, произвела многу исклучителни инструменти за пишување, уживани од многу исклучителни луѓе.
Уживатели на занаетската виртуозност, визијата и одважноста со кои создава компанијата од Басано дел Грапа, биле и се: папи и останати верски поглавари, крунисани глави и останати политички лидери, филмски и останати ѕвезди (на пример, Sylvester Stallone и Jean Alesi покрај заљубеници, се акционери и амбасадори на Montegrappa).
На многу од односните самата Montegrappa ‘им вратила’, посветувајќи им свои креации: Nelson Mandela, Muhammad Ali, Frank Sinatra, Paulo Coelho, Salvador Dalí, Sophia Loren, David Bowie, Quincy Jones, Pelé, Ayrton Senna…
Интеракцијата меѓу значајните историски личности, и овие инструменти со кои корисникот создава врска што се протега далеку преку чинот на пишување, произвела моменти посебно исполнети со одредени аспекти од есенцијата на брендот Montegrappa.
Во првиот што ќе го наведеме, како виша сила да замешала прсти…
Раката на судбината
Привлечноста меѓу Hemingway и таму видените налив пера кои тогаш се викале Elmo (според првиот технички директор на компанијата, Heinrich ‘Elmo’ Helm) била взаемна.

Нобеловецот и пулицеровецот токму со Elmo налив пера напишал некои од своите најпознати дела, а за романот „Збогум на оружјето“ (1929) бил инспириран од врската со медицинска сестра остварена додека престојувал во регионот Венето. Инспирација и за многу од описите на пејзажи во романот било живописното подножје на планината Монте Грапа, каде што се наоѓа градот Басано дел Грапа.
Montegrappa им оддала признание на многу аспекти од исклучителната, сестрана личност на Ernest Hemingway, преку соодветни колекции инструменти за пишување (The Writer, The Adventurer, The Fisherman, The Traveller, The Soldier).

Montegrappa Hemingway: The Adventurer (ролер)
Палката на власта
Кога на 31 декември 1999 рускиот претседател Борис Елцин неочекувано поднесе оставка, го именуваше Владимир Путин за свој наследник. Два дена подоцна (2 јануари 2000) Елцин приреди и особена церемонија за трансфер на власта. А улогата на палка на власта му ја додели на култниот модел на Montegrappa, Dragon.
Во приложеното видео кое вреди илјада зборови може да се види индикативноста со која Елцин му го става пенкалото пред очи на Путин, како предупредување за одговорноста што ја презема со моќта на потписот; за на крај одлучно да му го предаде со зборовите: „Со ова пенкало ти ја предавам моќта“.
Инаку, моделот Dragon го означува и почетокот на бујното влијание што врз Montegrappa го остварил и го остварува нејзиниот извршен директор, Giuseppe Aquila.
Тој во 1995, тогаш млад и желен да остави трага во семејната компанија, го претставил налив перото Dragon, одважно и комплексно, вистинско скулптурално уметничко дело, потврдувајќи ги авангардните акредитации на брендот и раздвижувајќи го светот на луксузот (и со исклучително високата цена за тоа време, од околу 2000 евра).
Dragon доживеа голем комерцијален успех, но вредноста му се мери според влијанието што го има врз Montegrappa и поширокиот пејзаж на инструменти за пишување.

Montegrappa “The Dragon“
Благословот од папата
„Пенкало што е многу важно за историјата на Montegrappa е Vatican 2000 Papal Pen“, вели извршниот директор на компанијата, Giuseppe Aquila, кој благодарение на споменатото пенкало, нарачано од Ватикан по повод големиот јубилеј на христијанството, првпат се сретнал со папата Јован Павле II.
Токму оваа средба Aquila ја смета за најважна во неговиот живот:
„Сум имал задоволство да се среќавам со многу државници, монарси, славни личности… Но, средбата што ми го промени животот е онаа со Неговата светост, Јован Павле II.“
Со продажбата на ова пенкало што го носи благословот на папата обезбедена е голема сума средства за добротворни акции организирани од Ватикан по повод 2000-годишниот јубилеј.






