Montegrappa ZERO – почеток на новото поглавје од современата еволуција на пишувањето со стил
Амбиентот во кој почнала италијанската култура на налив пера е живописниот, крајречен град Басано дел Грапа, сместен во подножјето на планината Монте Грапа, во регионот Венето. Таму во 1912 година е основана фабриката Manifattura pennini d’oro e penne stilografiche (Мануфактура за златни пера и налив пера), која во 1915 ја произвела првата линија италијански налив пера, и ја воспоставила традицијата на рачна изработка што оттогаш продолжила без прекин.
Ова се случувало во трансформативниот период за односната индустрија, кога налив перата станале преносливи благодарение на вградените патрони со мастило, и уште побарани поради бумот на личните допишувања предизвикан од Првата светска војна.
Италија брзо ги открила пенкалата од линијата Elmo наречена по првиот технички директор на фабриката, Heinrich ‘Elmo’ Helm, а меѓу нивните први корисници бил и Ernest Hemingway, стациониран во близина на Басано дел Грапа, како дел од американскиот Црвен крст.


Во 1928 година пенкалата Elmo добиле нова димензија, благодарение и на иновативната употреба на целулоид, што ќе стане заштитен знак на брендот. Станале посимболични, поекспресивни, во функција на задоволување на емотивниот момент – неопходната компонента од доживувањето на луксузните производи. Со овие инструменти за пишување што први го носеле обележјето Monte Grappa, воспоставен е магичниот однос меѓу хартијата и човечката мисла, на кој е изградена легендата за Montegrappa.
-
Овде ќе го завршиме ова навраќање во историјата, направено за да потсетиме на кредибилитетот со кој Montegrappa ја претставува својата колекција ZERO како почеток на ново поглавје од современата еволуција на пишувањето со стил.
Кога Montegrappa со колекцијата ZERO порачува: Раскинете со минатото!, останува верна на традицијата на постојани иновации.
ZERO значи премин кон новата генерација инструменти за пишување и обединува артизански пристап, инженерска прецизност и бескомпромисна издржливост. Со други зборови, колекцијата е дизајнирана како одговор и на најригорозните предизвици на модерниот живот, изведена во материјали и со механички карактеристики кои никогаш не изневеруваат.
Инспирирана од луксузните часовници, колекцијата ZERO потсетува на престижните ‘мерачи на времето’ од повеќе аспекти. Во иновативната круна на инструментите за пишување од колекцијата зад врамено сафирно стакло е поставено логото на Montegrappa. Бронзената легура употребена на деталите е хипоалергенската, доглотрајна и исклучително јака Br8, популарна меѓу производителите на луксузни часовници. Во истиот дух се надоврзуваат и контрастите меѓу брусените и полираните финиши на инструментите ZERO.

Алудирањето на естетиката на врвните часовници не е случајно. Montegrappa не прифаќа напредок по цена на жртвување на суштината, на вистинските вредности. Колекцијата ZERO останува во филозофијата на Montegrappa, која создава инструменти за пишување по вкусот на оние, кои додека се изразуваат, сакаат да уживаат во луксузот на забавување на времето. Оттука ZERO не ја надополнува само моќта за креативен пренос на раката, туку му прилега и на рачниот зглоб на оној кој е подготвен да биде ‘ексцентричен’, не само како уживател во луксуз, туку и како корисник на пенкало и аналоген часовник во дигиталната ера.
Во колекцијата ZERO се вклучени налив перо, ролер и пенкало. Можете да изберете меѓу варијантите чии детали од нерѓосувачки челик се обложени со паладиум, рутениум или злато.






