Алхемијата помеѓу човековиот ум и хартијата
Приказните како оваа обично бараат да бидат раскажани во поетски стил, но ќе почнеме со практичен и изразит пример што го докажува насловот на текстот, чија смисла е дека оние што ја знаат формулата, запишаното на хартија можат да го претворат во злато, сфатено во сите негови симболички значења.
Имено, легендарниот претприемач Ричард Бренсон својата кариера ја почнал, или ако сакате, својот прв потфат го направил веќе на 15-годишна возраст, покренувајќи ученичко списание. Бил незадоволен од „застарената училишна практика“ на тоа време пред речиси шеесет години, и со неговите истомисленици сакал да почне кампања „против телесното казнување, задолжителните посети на училишната капела и латинскиот јазик“.

„Нашите идеи беа премногу револуционерни за да бидат објавени во постоечкиот училишен часопис, што се викаше ‘Стоик’ – име прикладно за долготрпеливи читатели. Па, затоа размислувавме да се поврземе со други училишта кои имаат слични правила и постапно се роди идејата за меѓушколски проект, ученичко списание“, раскажува Бренсон на својот блог.
Подоцнежниот основач на Virgin тогаш се состанал со истомислениците и од други училишта, со кои разговарале за идејата, а тој сѐ запишувал во својот нотес. И до ден-денес, првиот совет за успех што го дава Ричард Бренсон е: Запишете ја идејата кога ќе ви дојде.
„Да не ги запишував сите мои идеи, ќе ги заборавев! Затоа никогаш не заборавам да си ги запишувам идеите!“

„Уште како дете пишував листи од секаков вид, вклучувајќи краткорочни задачи, долгорочни цели и одлуки. Така успевам да го разберам светот, ги доведувам идеите во ред во својата глава и почнувам да ги претворам во дела.“
Работејќи на својот прв потфат, тинејџерот Бренсон ги запишал и имињата на 250 членови на Британскиот парламент со кои сакал да биде во контакт во врска со списанието, а направил и попис на потенцијалните огласувачи кои ги пронашол во телефонски именик.
„Значи со соработниците, огласувачите, дистрибутерите и трошоците – барем на хартија – го напишав својот прв бизнис план“, се сеќава тој.
„Неверојатно е како може да полетаат вашите идеи сѐ додека ги запишувате и делите со други. И како што можете да видите од мојата приказна, бизнис планот не мора да биде долго промислувана предлог-програма – може да биде едноставен како некои белешки во нотес или ‘чкртаници’ на задната страна од плико.“
А на италијанската престижна куќа на инструменти за пишување, Montegrappa, оваа алхемија меѓу идејата и хартијата прегледно докажана на примерот на Ричард Бренсон, ѝ е пасија повеќе од век.
Во Montegrappa се сложуваат дека има и други нешта чија енигматичност може да се спореди со празниот лист хартија, кој гледан површно и материјално вреди малку. Но, знаат дека ништо не може да се спореди со хартијата како предмет во кој е содржана бесконечноста на можностите, кои се активираат преку инструментот за пишување што ја пренесува мислата од умот и срцето до празниот лист.
Затоа Montegrappa креира имајќи го предвид тој алхемиски занес што им е познат на многумина, а што го чувствуваме кога идеите ни течат слободно, со сета експресивност што може само раката да ја пренесе на хартијата, за разлика од тастатурата и екранот.
Оваа алхемија тешко дека некој ја разбира подобро од уметниците и занаетчиите кои стојат зад најинспиративните инструменти за пишување во светот.
Montegrappa низ генерации уметници и занаетчии, кои во оваа смисла биле во служба на лидери, визионери и истенчени љубители, утврдила дека умот е поспособен за виртуозен развој на мислата кога раката држи соодветно пенкало.
Неслучајно, ако гледаме од перспективата на судбината, во текот на Првата светска војна, токму во Басано дел Грапа, блиску до фабриката на Montegrappa, бил сместен еден од најиновативните и највлијателни писатели на дваесеттиот век, Ернест Хемингвеј, кој до крајот на животот им останал верен на овие инструменти за пишување. Се работи за време кога преносните пенкала со резервоар биле технолошка сензација и витална алатка за поврзување на семејствата раздвоени поради војната.
Но, можеме само да се прашуваме како би гледал нобеловецот на денешното време, во кое зборовите се девалвирани поради нивната пренатрупаност во јавниот простор, што дигиталната ера драстично го зголеми. А ни го намали времето, правејќи го скапоцен ресурс, односно луксуз да го имаш.
И додека современото општество тврди дека високо го вреднува времето, симболично и преку астрономските цени на инструментите што го мерат; предметите креирани за да направат времето повеќе да вреди, стануваат сѐ поретки.
А и покрај фактот дека пенкалата денес помалку се користат, сигурно е оти кога пишуваме со нив вредат повеќе отколку тогаш кога служеле како тастатурата денес, виртуелна или материјална.
Зашто иако се вели дека хартијата трпи сѐ, тоа уште повеќе важи за екранот на електронските уреди, каде што може да се напише сешто и за миг да се појави во јавниот простор.
Оттука во Montegrappa на пенкалата не гледаат како на остаток од минатото, туку креираат инструменти што на проникливите пишувачи ќе им го овозможат модерниот луксуз на забавување на времето, на уживање во пишувањето, на интимен однос со мислата, на идеален начин.
И како што знаат сите „Монтеграписти“, она што некогаш било едноставна алатка за работа, сега е претворено во знак за препознавање на оние кои имаат да кажат нешто вредно.







