hArt месец на налив пера: Комплетен водич за полнење и одржување на најпрестижните инструменти за пишување
„Пенкалото е јазикот на душата“, сметал авторот на „Дон Кихот“, големиот Miguel de Cervantes. Ова негово согледување е особено актуелно денес, кога за пишување главно користиме тастатури, физички или виртуелни, чии практични предности не може да се оспорат. Но, дали и натаму постојат нешта кои не можат да бидат изразени никако поинаку, освен со доброто ‘старо’ пенкало? Општиот одговор би се свел на потпишување важни документи, кога достоинството на моментот и кредибилитет на потписот може да ги обезбеди само врвен инструмент за пишување, кој од овие причини е неизбежен во професионалните средини.
Но, поважниот одговор е нашиот личен. И зависи од нашиот стил, од афинитетите во животот кои нѐ дефинираат како личности; и од нашите искуства од препуштањето во уметноста на живеењето.

Дали исто ни се движат мислата и чувството кога в рака држиме префинето налив перо и убав нотес, и кога белиот екран нетрпеливо чека да почнеме да чукаме по тастатурата? Дали налив перото е само атрактивен инструмент за пишување или сосем го трансформира, правејќи го длабоко лично нашето искуство на изразување? Дали има нешта кои остануваат недоискажани ако не се ‘запечатени’ со нашиот ракопис во неговата целосна експресија?
Неслучајно споменавме налив перо, зашто сѐ од наброеното во претходниот параграф најдобро го олицетворува токму инструментот за пишување кој доживува ренесанса како есенцијален џентлменски и дамски аксесоар, поради неговата елеганција. И надворешна… и длабоко внатрешна…
-
Како да дополните мастило во вашето налив перо?

За вљубениците во налив пера дополнувањето на мастилото и негата на инструментот се дел од редовната рутина, ритуали на задоволство, начини на уживање во убавината и безвременската технологија.
Како ќе го дополнувате мастилото во вашето налив перо зависи од видот на инструментот што го поседувате. Пред да навлеземе во подробностите, кратко ќе ги опишеме трите најчести механизми на полнење: едниот подразбира менување патрони, а другите два – клип и конвертор – дополнување од шише со мастило.
Налив перата со патрон се најчест вид и се наједноставни за полнење. Инструментите со клип или конвертор имаат комора за дополнување на мастило. Полнењето со клип е слично како со конвертор, но не бара расклопување на налив перото.
Како да замените патрон?
За да го замените искористениот патрон, одвртете го долниот дел од телото на налив перото (оној што го држите додека пишувате). Отстранете го искористениот патрон и ставете нов следејќи ги овие чекори:
-поставете го потесниот крај на новиот патрон во лежиштето на перото;
-притиснете го надолу додека не го слушнете звукот на пробивање на заштитното запечатување на патронот;
-почекајте мастилото да почне да тече низ перото (приближно една минута).
Откако повторно ќе го склопите инструментот истиот треба да почне да пишува речиси веднаш. Во спротивно, држете го во вертикална положба за гравитацијата да си го направи своето. Може да поминат неколку минути пред пишувањето да стане течно.
Како да дополните мастило во налив перо со клип?
Налив перата со клипен механизам имаат резервоар скриен во телото на инструментот. Процедурата на полнење почнете ја со вртење на капачето (најгорниот дел, не се отстранува) дури не запре, во насока спротивна на вртењето на стрелките на часовникот. Потоа потопете го целиот врв, целото перо во шишето со мастило. Со вртење на капачето додека не запре во правец на стрелките на часовникот, вовлечете мастило. Откако ќе го извадите перото од шишето, свртете го капачето половина круг спротивно од часовникот, пуштајќи да истече малку мастило за да се испушти и воздухот. На крајот исчистете го перото со навлажнета крпа која не остава влакненца.

Како да дополните мастило во налив перо со конвертор?
За полнење на конверторско налив перо прво треба да го одвртите инструментот. Во долниот дел е сместен конверторот. Потопете го перото во шишето со мастило и вртете го копчето на врвот на конверторот во правецот на стрелките на часовникот за да вовлечете мастило. Останатиот дел е идентичен како при дополнување на налив перо со клипен механизам.
-
Совети за правилна грижа за вашето налив перо
Грижата за налив перото има пресудно значење за да се обезбеди совршен проток на мастилото, односно совршено пишување при секоја употреба.
Еве неколку совети за целта:
-Трудете се да го користите инструментот доволно редовно за мастилото во него целосно да се употреби барем еднаш во шест месеци. За оние кои поретко пишуваат препорачливо е да го полнат резервоарот до половина, и да го плакнат со топла вода секои 3 до 5 месеци. Никогаш не користете детергенти или разредувачи.
-Препорачливо е да го отстраните сето мастило останато во вашето налив перо ако знаете дека подолг период нема да го користите. Зашто реакцијата на киселините од мастилото со воздухот може да резултира со оксидација на перото.
-За разлика од конвенционалното сино мастило, мастилата во други бои содржат повеќе тврди остатоци. Ако користите мастило во други бои чистењето треба да го правите почесто.
-Не го оставајте вашето налив перо без капачето. Изложеноста на воздух прави течностите да испаруваат побрзо, зголемувајќи ја брзината со која цврстите остатоци од мастилото се собираат во инструментот. Мастилото се згуснува и се акумулира во капиларните жлебови, што може да предизвика зачепување.
-Не купувајте големи количини мастило или патрони, туку имајте предвид купеното да го искористите во наредните 12-18 месеци.
-
Како да го исчистите перото?
Кога вашето налив перо не пишува добро, без разлика што е полно со мастило, најверојатно проблемот е во перото. Чистењето на перото се препорачува секогаш кога дополнувате мастило или заменувате патрон.
Чистењето подразбира одвртување на телото на налив перото. Во тек на расклопувањето и за време на чистењето држете го инструментот во вертикална положба. Ако налив перото е со конверторски систем, нежно отстранете го конверторот од телото.
Перото исчистете го така што ќе пропуштите млака вода низ него. Држете го вертикално под нежен млаз или користете шприц за да инјектирате мали количества вода во врвот на перото. Користете секогаш млака, чиста вода – високите температури може да оштетат некои од внатрешните компоненти.
Процесот на плакнење продолжете го додека водата што истекува не е сосем чиста. За да се отстранат најупорните остатоци од засушено или закоравено мастило, оставете го перото да отстои преку ноќ во раствор од вода и оцет, при што препорачана е концентрација од 5 ml оцет на 250 ml вода.
Откако ќе се исуши, истресете го неколку пати за да ја отстраните евентуално преостанатата влага. Потоа оставете го преку ноќ на проветрено место, во исправена позиција.

Како да го исчистите конверторот?
Откако ќе го отстраните конверторот од инструментот, испразнете го преостанатото мастило. Користете шприц со млака вода за да го исплакнете. Инјектирајте со умерен притисок – преголемиот притисок може да доведе до акумулација на вода под заптивката на механизмот.
Потоа наполнете го конверторот со вода, затворете го и енергично протресете за да го отстраните евентуално преостанатото мастило. Исплакнете го повторно додека не биде сосем чист, а потоа оставете да се исуши преку ноќ на хартиена крпа. За темелно сушење поставете го конвертерот вертикално.
-
Совети за надворешно чистење
Секако, од налив перата покрај совршено искуство при пишувањето, очекуваме и совршен изглед. Правилното одржување на надворешноста на овие инструменти зависи од материјалот од кој се изработени.
Сребрените или обложените со сребро се чистат со средство за полирање на сребро и мека крпа. За сложени гравури какви што се среќаваат на врвните налив пера, нечистотијата и затемнувањето може да се отстранат со мека четка за заби.
Мека крпа е сѐ што ви треба за чистење на налив пера со цврсти метални финиши како паладиум или нерѓосувачки челик. Истата препорака важи за инструменти изработени од целулоид или смола. За сензитивни финиши како споменатите, многу е важно да се избегнуваат какви и да се хемикалии и абразиви.







