Омилени 0

Зошто е важно да пишуваме; и тоа со рака на хартија?

heading_title

Без разлика дали правиме листа со производи што треба да ги купиме од супермаркет, пополнуваме образец во банка, фаќаме белешки од состанок или ни дошла добра идеја, секојдневно пишуваме.

А живеејќи во свет во кој времето многу вреди, што и да правиме тежнееме да завршиме побрзо, свесни дека е драгоцена секоја минута што можеме да ја заштедиме во текот на денот. Тоа има своја цена, што ја плаќаме преку стресот и жртвувањето на суштинските вредности, а во случајов и преку заборавањето на задоволството што го носи пишувањето.

Токму времето е во суштината на концептот на првата италијанска мануфактура за налив пера, Montegrappa. Тезата е дека суштинскиот прогрес зависи од умеењето да се забави времето со цел да му се зголеми квалитетот. Инструментите за пишување Montegrappa се дизајнирани токму со оваа филозофија на ум: поклониците на мислата, на пишаниот збор, да можат да ги уживаат предностите на забавувањето на времето, што денес е неспорен луксуз.

Покрај очигледните предности од пишувањето на хартија наместо на тастатура – како одморањето на очите од зрачењето на екраните на кои сме изложени голем дел од денот, тука се и повеќе психолошки предности утврдени со научни истражувања.

Деловите на мозокот поврзани со учењето се поактивни кога се се пишува на хартија наместо на тастатура. Истражувањата уште покажале дека кога пишуваме рачно, држејќи го инструментот за пишување, повеќе размислуваме за она што го изразуваме. Пишувањето тогаш ни е попромислено благодарение на забавената брзина на умот, зголемената јасност на идеите и емоциите, и способноста да ги забележиме и отфрлиме стресните и штетни мисли.

Според истражувањата пишувањето со рака го одмора мозокот и ја отклучува потенцијалната креативност активирајќи посебни нервни патишта, што не е случај кога пишуваме на тастатура. Додека пишуваме на хартија, обликувајќи ја секоја буква со поврзани потези, вклучуваме и патишта во мозокот кои минуваат низ неговите делови задолжени за чувствата.

Не случајно и многу професионални писатели ја потврдуваат вредноста на пишувањето со рака на хартија, особено при првиот нацрт на делото на кое работат, односно подоцнежниот процес на читање и интеракција со идеите. Повеќе познати автори користат тастатура само за конечната верзија што ќе му ја испратат на издавачот, зашто имаат чувство дека пишувањето на компјутер во претходните фази им го попречува органскиот тек на мислите.


Неодамна излеговме од пандемиската фаза која нѐ натера да ја забавиме трката со времето и пред сите нас го постави предизвикот на соочување со себе, со нашите силни, но и слаби страни. Кога времето забави, мерено според динамиката на надворешните активности, умот се сврте кон нашиот внатрешен живот, што ни даде можност повнимателно да се набљудуваме себеси. Ваквите согледувања може да бидат фактор на значајно подобрување на нашите животи, но ако не ги забележиме на начин што ќе ги уреди во една меѓусебно поврзана целина и ќе им даде трајност, може да бидат збунувачки, па и фрустрирачки.

Во многу случаи во тек на пандемијата водењето дневник се покажало како незаменливо средство за да се одржат здравото движење на мислите и нивната продуктивност. Ако досега не сте го практикувале, со неколку препораки ќе се обидеме да ве мотивираме да почнете ја користите оваа многу благодарна животна алатка, дневникот.

-

Пишувајте на хартија наместо на тастатура

Како што кажавме, изразувањето на нашите мисли и чувства има органска врска со движењето на инструментот за пишување по хартијата. За да уживате во моментот на нивното пренесување во вашиот дневник, прво изберете го омиленото пенкало… и почнете да пишувате.

Бидете верни на себе

Водењето дневник не е пишување роман или каков и да е текст наменет за публика. Процесот подразбира грижа за себе. Запишаното е лично ваше и е само за вас – не инсистирајте на литературниот стил, туку на што подиректно изразување на она што се случува во вашиот внатрешен живот. Најдобриот стил на пишување дневник е искрениот.

Пишувајте на омиленото место, во омиленото време

Она што вистински сме, најмногу доаѓа до израз во нашето омилено опкружување, без разлика дали се работи за дом, кафуле или парк. Ранобудниците веројатно пишуваат во својот дневник со првата шолја кафе, а ноќните птици во ситните саати. Кажано поконкретно, од изборот на местото и времето може да зависи опуштеноста, комфорот со кој ќе го водите дневникот, а следствено и уживањето во процесот.

Нека остане приватна работа

Влегувањето во ритам при пишувањето дневник понекогаш не е лесно, како и секоја друга активност која бара пракса за да се усоврши. Некои луѓе водењето дневник едноставно го имаат во себе, а на други на почеток може да им изгледа чудно. Но, ако сте од вторите не заборавајте дека тоа што го пишувате е само за вас и никој нема да го види. Токму приватноста на дневникот, тој здрав разговор што го водите исклучиво сами со себе, го прави неговиот терапевтски ефект.

Спонтано создадете си рутина

Благотворните ефекти од водењето дневник доаѓаат дури по одредено време, со редовноста на пишувањето. Дневникот не е за еднократна употреба и никако не е средство за инцидентно ослободување на бесот. Креирајте своја рутина – ако еднаш дневно е премногу за вашиот распоред, тогаш пишувајте два-три пати неделно (во духот на кажаното за опуштеноста како услов). Вредноста на редовното водење на дневникот е што помага да се развиваме како личности, да ги препознаваме обрасците во нашите животи и да добиеме појасна перспектива и контрола врз околностите.

Пишувајте само за она што го знаете

За да може да ја оствари својата функција, дневникот водете го пишувајќи само за она што добро го знаете. Пишувајте за себе, за својот живот, за вашето доживување на средината во која се движите. Пишувањето за нешто што не е ваше и не го познавате добро нема терапевтско значење и всушност не е водење дневник туку сосем поинаква активност. Изразувајте се себеси, без да влегувате во жанрот фикција, што би било пишувањето за чувствата на другите луѓе.

Квантитетот нека ви биде поважен од квалитетот

Веројатно првпат слушате ваква препорака, дека количината е поважна од квалитетот на зборовите. Но, не сме Хемингвеј или Достоевски, па во име на стилот да ги мериме зборовите. Кај водењето дневник квалитет значи верен и директен пренос на мислите и чувствата до хартијата, колку и зборови да бара тоа. Стилската вредност на овие записи е во заден план.

-

Одберeте го вашиот инструмент за пишување… и обидете се…