Дизајн што не избледува цел век, зрачејќи деловност – Elmo 02 на Montegrappa
Без разлика дали ќе го сметаме за визионер или за дизајнер на безвременска естетика, првиот технички директор и соосновач на најстарата италијанска мануфактура за налив пера, Heinrich ‘Elmo’ Helm, добро знаел што прави кога пред цел век го креирал пенкалото Elmo 02.
Извлечен од архивите на Montegrappa од 1920-тите, дизајнот на ова пенкало со својот винтиџ шарм и денес совршено резонира со добриот вкус – покажува интересот меѓу љубителите на врвни инструменти за пишување, а и признанието што му го оддава самата Montegrappa на Elmo 02, сметајќи ја неговата 100-годишна еволуција за формативен елемент на брендот.
Широкaта распространетост на Elmo пенкалата во првата половина на 20-тиот век, особено низ италијанските канцеларии и училници, се објаснува со нивната иновативност и репутацијата дека никогаш не изневеруваат.
Формулата што во однос на дизајнот ја барал и нашол Heinrich ‘Elmo’ Helm била минимизирање на употребата на метал, без притоа да се жртвуваат декоративниот шмек и особено корисничкото искуство во поглед на функционалноста, на што почива угледот на брендот.

Оваа формула и денес испорачува според своето изворно ветување – и на модерниот пишувач му нуди софистициран, непретенциозен, деловен изглед, со професионални перформанси.
Впечатокот на иновативно обликување ни најмалку не е избледен и кога ќе се погледне новата колекција Elmo 02 на Montegrappa; која ги задржала автентичните пропорции што ја произведуваат сериозната, трезвена елеганција, типична за времето кога настанал оригиналниот модел.
Како и тогаш, и кај новата Elmo 02 инкарнација, единственото ‘попуштање’ на раскошот е направено со ребрестиот клип за закачување во џеб, изработен од месинг, во чиј дизајн се забележливи траги од раното арт деко.
Главната новина што ја носи новата колекција се однесува на финишите на некои од варијантите на односните инструменти за пишување.
Имено, за разбивање на формалноста на оригиналната црна боја на Elmo 02, Montegrappa го изработува моделот и во неколку софистицирани мермерни финиши, како експресивна алтернатива на официјалноста на стандардно црниот инструмент.

Elmo 02 Asiago… …и Sorapis
Овие живописни финиши го прават секое парче уникатно, бидејќи при мешањето на смолата од која се изработени телата на инструментите, случајно се создаваат вртложните текстури.
Еден од финишите, наречен Asiago, со голема изразност ги пренесува специфичните бои и пејзажи од природата околу истоименото мало гратче, Азиаго, сместено во покраината Винченца од регионот Венето во северна Италија.
Друг од финишите, со име Sorapis, е инспириран од едно од најубавите езера во Доломитите, бајковитото тиркизно Сорапис (Lago di Sorapiss), кое се наоѓа на речиси 2000 метри надморска висина и во близина на една од најмонденските скијачки дестинации во Италија, Кортина д’Ампецо.
Новата колекција Elmo 02 на Montegrappa нуди налив пера, ролери и пенкала; изработени од смола, со детали од нерѓосувачки челик и клип за закачување од месинг.






