Налив перото е аристократот меѓу инструментите за пишување чија престижност го прави автоматски избор за специјални пригоди.

Нуди најголем простор за креативна експресија и најдиректно чувство на интеракција со хартијата.

Функционира така што мастилото го навлажнува перото со ефикасна дистрибуција овозможена од гравитацијата и принципот на капиларност. Влажноста на налив перото е причина мастилото побавно да се суши, односно најпогоден медиум за него да биде апсорбирачка, потешка хартија.

Како и кај ролерите, мастилото на налив перата е на водена база, што ја овозможува леснотијата на пишувањето, но значи и дека почесто треба да се дополнува. Што за вистинските љубители не само што не е проблем, туку е и задоволство кое им дава можност да бидат инволвирани во животот на својот инструмент за пишување.

Во овој дух, за да го испорача најдоброто од себе, налив перото бара почит и грижа од својот сопственик. Не трпи запоставување, па во случај да не се користи подолго време, а во него остане заборавено мастило, истото може да се исуши и да направи непоправлива штета.

За да го постигнете саканиот ефект на ракописот со вашето налив перо, потребен е и период на запознавање со неговиот карактер. Трикот за да добиете најдобар резултат е да го користите под низок агол, колку што е потребно за со долната страна на перото да ја допирате хартијата.

Штом почнете да го користите, перото почнува да добива облик во зависност од вашиот стил, додавајќи дополнителен комфор во ритуалот на пишување. За да се избегне ризикот од деформирање на перото, позајмувањето на овие деликатни инструменти за пишување, не е препорачливо.